Нашиот најдобар пријател - вознемиреноста

Нова книга на Самир Чопра, под наслов „Вознемиреност: филозофски водич“, тврди дека таа е дел од човечката состојба и дека ако ја третираме како непријател, а не како придружник, само си правиме полошо. 

Нашите најсреќни моменти се оние кога сме биле спокојни, ослободени од каква и да е вознемиреност и грижа. Да можеме да бираме, повеќето од нас повеќе би сакале да го немаат и воопшто да не го познаваат чувството на анксиозност. Но нова книга на Самир Чопра тврди дека да се биде човек е да се биде вознемирен човек. „Тоа не е секогаш патологија која треба да биде искоренета, туку неопходен дел од самите нас“, вели тој во својата нова книга „Вознемиреност: филозофски прирачник“.

Својот аргумент тој го потпира на столбовите на неколку интелектуални традиции, кои се на истата линија. Првата и најстара е будизмот, кој подучува дека чувството на незадоволство од животот, dukkha, е коренот на сето ментално страдање. Во 19 и 20 век, европските егзистенцијалисти, пак, на вознемиреноста гледале како на нужна последица на човечката слобода - одговорноста на изборот на начинот на живот и на нашите морални вредности. Повикувајќи се и на Карл Маркс и Херберт Маркузе, Чопра истражува и како сиромаштијата и другите материјални услови можат да ја влошат вознемиреноста, но сепак нагласува дека од неа не можат да избегаат ниту богатите.

Таа исто така не се лечи со медикаменти, напросто бидејќи не е болест. Неодделива од човечката состојба, таа неопходна за разбирање на истата. Филозофијата исто така не е во состојба да ја излечи анксиозноста, но со тоа што овозможува подобро самопознание и самоприфаќање, може да нè направи помалку вознемирени од вознемиреноста. 

Во книгата, која излезе во Британија на 14 март, тој сепак не само што „филозофира“, туку и ги споделува своите интимни приказни. Така филозофската книга станува истовремено и мемоар, но и извор на утеха - дека вознемиреноста не е само извор на страдање туку и на знаење, за самите нас. 

3 мај 2024 - 08:31