Гледај ја сега будалата пред себе

Колекционер на уметнички дела ја раскажува неговата најскапа утка, кога некој постар човек со воена пензија, сам начкртал дузина минијатури и го убедил дека се дела на Пикасо за што овој му фукнал 138.000 евра. Но, самата приказна не е толку јака, колку што е сочно нејзиното раскажување на јадникот кој оправдано се смета насамарен како вол.      

Бугарите и Грците да го послушаат рахметли Зукорлиќ

„Многумина пробуваат да го воспостават сопствениот идентитет со негирање на другиот. Тоа го прават само оние кои имаат криза на својот идентитет. Тој кој е сигурен во својот, нема потреба да го негира другиот“, ќе каже прерано починатиот муфтија Муамер Зукорлиќ (чие семејство уште се сомнева дека почина од природна смрт). Нека слушнат и оние наши кои премногу се потресуваат дали некој нешто ни признава. Тоа се тера кајшто му е место и толку.

Нормализирање на ненормалното

Што да кажеме за барањето на 300 директорски места од една релативно мала политичка партија? Од каде веќе пронашле 300 способни луѓе за раководење со државните институции? Дали некој прво ги проверил тие луѓе, дали ја знаат барем таблицата на множење и дали знаат да прочитаат и прераскажат едно четиво, пред да започнат да се пазарат или - не дај боже - да ги постават на директорски позиции?

Пијаниот Србин уште убива ајкули

Веста деновиве на големо се шири по мрежи со придружните „гасете интернет“ и „го имаме победникот“ и гласи: пијан Србин скокнал од највисоко во Шарм Ел Шеик и со глава директно паднал врз ајкула која на лице место ја убил за што добил благодарница од египетското министерство за туризам...  Долго (предолго!) сме на интернет па ни текна дека дека приказната ни е позната... едно 14 години.